„Да градиме мостови меѓу нас“ // Интервју со Елена Ѓорѓиовска

Задоволство ни е да ја угостиме во „Кокини“ Елена Ѓорѓиовска, дипломирана професорка по македонски јазик и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и веќе три години лекторка по македонски јазик и литература на Катедрата за руска и словенска филологија при Универзитетот Букурешт во Романија. Елена, исто така, предава македонски јазик на граѓани од Грција (македонско малцинство и Грци) преку онлајн-часови. Елена учествуваше на значајниот настан одржан на 14. декември на Универзитетот ,,Македонијаво Солун, посветен на македонскиот јазик и литература. И покрај притисоците од националистички кругови, настанот беше успешно реализиран со голема посетеност.

Интервјуто со Елена Ѓорѓиовска за весникот „Кокини“ го водеше Сотирис Минас.

Дали беше твое детско сонување да се занимаваш со македонскиот јазик и литература или тоа се случи подоцна? Како заврши да станеш лектор (професор) на универзитет?

Многу ми се допаѓа што со ова прашање го започнуваме интервјуто. Всушност, во последно време често размислувам за тоа дека јас моментално го живеам мојот детски сон… Така што одговорот ќе биде – да, отсекогаш сакав да бидам учителка, тоа и беше всушност мојот детски сон. Знаете, многу често сакав да ја  играм како девојче со другарчињата играта ‘училница’ и, нормално, секогаш сакав јас да бидам учителката и уживав во тоа. Се замислував уште тогаш дека кога ќе пораснам сакам да бидам јас таа која ќе стои пред таблата во вистинска училница и ќе пренесува знаења…

Но желбата да се занимавам со македонскиот јазик и литература дојдоа малку подоцна во мојот живот, кога бев тинејџерка. Имено, секогаш сакав да читам, но во гимназија мојата желба и љубов за македонскиот јазик и книжевноста ја разбудија професорите што ми предаваа македонски јазик и литература. И ден-денес во главава како ехо ми одѕвонуваат нивните предавања за литературата, за јазикот…

 Потоа, веќе знаев дека мојот животен пат ме води на Катедрата за македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Така што, по студиите сонот кој во мене тлееше уште од детскатите игри и желбата да бидам учителка се исполнија кога Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ објави конкурс за лектор (предавач) по македонски јазик на Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт. Без размислување аплицирав, бев прифатена, и ете, тука сум веќе трета година правејќи го тоа што отсекогаш сум сакала да го правам – да бидам учителка, предавачка, лекторка, но морам да кажам дека оваа можност дојде со уште поголема задача за мене – да го предавам мојот мајчин јазик, литературата и култура и сè што е поврзано со мојата земја пред странски студенти, во странска земја. Тоа нималку не е лесна задача и морам да признаат од една страна е голема, голема чест, но од друга и голема одговорност.

И така некако завршив на Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт и кога ќе погледнам назад со гордост го гледам малото девојче кое искрено се радува што денес како возрасна личност го живее својот сон – затоа што ако посакувате доволно силно, верувајте, соништата се исполнуваат и додека да трепнеме со очите стануваат реалност, некогаш дури и поубава од сонот што сме го сонувале.

Како го доживуваш искуството да предаваш македонски јазик на универзитетот во Букурешт? Дали има интерес за јазикот од страна на студентите таму?

Една од најубавите работи што ми се случиле во животот е токму ова искуство, да предавам македонски јазик на странски универзитет и да имам можност да ги запознаам студентите со еден посебен јазик од групата на словенските јазици, а тоа е токму македонскиот. На Универзитетот во Букурешт, на Катедрата за руска и словенска филологија се изучуваат и сите словенски јазици: руски, украински, српски, хрватски, бугарски, словенечки, словачки, чешки… Меѓу нив, секако се изучува и македонскиот јазик, и тоа како изборен предмет. Ова значи дека конкуренцијата е секако голема, а како што знаете бројот и заинтересираноста денес за филолошките науки малку опаѓа бидејќи младите се насочуваат кон некои други попросперитетни за нив професии, па затоа не е нималку лесно да се оформат групи со студенти кои ќе го изучуваат јазикот… Ама, за среќа интерес за македонскиот јазик има и тој секоја година станува сè поголем. Интересно е дека пред сè, она што ги привлекува студентите да го изучуваат е фактот што македонскиот јазик нема падежи за разлика од најголемиот број словенски јазици и за разлика и од нивниот мајчин јазик – романскиот кој исто ги има. Сакаат да видат, како ќе функционира еден словенски јазик без падежи… Потоа ги привлекува и македонската култура, нашите обичаи, желбата да ја посетат Македонија и да научат повеќе за неа…

Моментално имаме две мали групи на почетно рамниште, две на средно и една на напреднато. Тоа не е голем број студентите, околу дваесетина студенти, но со оглед на тоа што предметот е изборен, тоа е одлична бројка. Всушност, лично мислам дека не е сè до квантитетот, поважен е квалитетот, односно колку од тие студенти навистина ќе се посветат целосно на изучување на македонскиот јазик, на преведување, на ширење на македонистиката. Досега најголемиот број студенти покажуваат голема заинтересираност за македоистиката и среќна сум кога ги гледам како почнуваат полека да зборуваат македонски, како ги завршуваат сите задачи, сите домашни. Уште посреќна сум кога со ентузијазам и желба сакаат и се пријавуваат да бидат дел и од вончасовните активности… Така, организиаме преведувачки работилници и преведуваме поезија од македонски на романски јазик и со тоа правиме еден мост и спој меѓу двете литератури, македонската и романската… Еве, две години по ред го славевме Денот на македонскиот јазик во Романија, кој е определен со Декрет на претседателот на Романија – Клаус Вернер Јоханис од 2018 година во чест на македонскиот јазик и на македонското малцинство што живее во Романија. Оваа година, во организација на Амбасадата на нашата земја во Букурешт прославивме и 50 години од почетоците на македонистичките студии во Романија и сите студенти зедоа учество… Исто така, студентите секоја година земаат учество на Летните и Зимските школи за македонски јазик, литература и култура кои ги организира МСМЈЛК при УКИМ и преку нив имаат можност да ги зголемат своите знаења поврзани со македонистиката, но и можност да престојуваат во Македонија, во Охрид и учејќи или усовршувајќи го македонскиот јазик да уживаат во магијата на Охридското Езеро. Така што, посакувам и мој сон е некој мој колега, лектор или лекторка да оствари вакво искуство со предавање македонски јазик во Грција, на некој од грчките универзитети. Да се оствари можност за отворање лекторат и изучување на македонскиот јазик како дел од групата на словенските јазици исто како што во Скопје на Филолошкиот факултет се изучуваат и старогрчкиот и новогрчкиот јазик. Тоа би било навистина еден огромен чекор напред за сите нас.

Преку Македонското движење за промовирање на мајчиниот јазик «Крсте Мисирков“, предаваш македонски јазик на грчки граѓани. Какви чувства ти предизвикува искуството да предаваш македонски јазик на луѓето од Грција? Раскажи ни за твоето искуство.

Да, онлајн-училиштето „Learn Macedonian Online“ за кое работев, и за кое сè уште работам соработува со „Крсте Мисирков“ – Македонското движење за промовирање на мајчиниот јазик и така се отвори можноста да предавам македонски јазик на грчки граѓани, но и на Македонци кои живеат во Грција и сакаат да го усовршат или да го научат јазикот на нивните предци. Чувството да се предава македонски јазик на луѓе кои немале можност ниту слобода да го изучуваат јазикот на нивните баби и дедоци го открив кога почнав да предавам и денес, со секој нов ден одново и одново го откривам. Знаете, да се познаваат историските факти и настани поврзани со јазичните, историските и културните проблеми, дијалектолошките правила на егејските говори за кои имам учено е едно, сум ги научила како информации, како факти и настани… Но, сосема е различно да запознаете луѓе, Македонци кои се директно или индиректно дел од системот кој го забранил нивниот мајчин јазик, кои едвај или воопшто не го зборуваат јазикот на нивните предци, а знаат дека тој јазик е дел од нивниот идентитетски код. И токму за тие луѓе вие да сте тоа сврзувачко ткиво кое ќе ги поврзе со јазикот на нивните баби, да ги набљудувате нивните емоции и експресии додека учат е неописливо чувство, тоа се измешани емоции на тага, радост, но најмногу гордост и восхит што не го заборавиле и му се навратиле на јазикот за да го научат или да го усовршат, да дознаат повеќе за јазикот за кој како со папочна врвка се врзани.

Веќе и јас емотивно сум врзана со сите луѓе коишто учеле или учат македонски јазик со мене. Се радувам што ја имав можноста да ги запознаам и да ги запознавам, благодарна им сум што учам од нив исто како што тие учат од мене… Сакам да ги слушам кога зборуваат, макар и она што останало запаметено од јазикот на нивните баби. Се заљубив во леринскиот, костурскиот и воопшто во егејските дијалекти… Сакам да ги слушам бидејќи ме враќаат во едно дамнешно време кое застанало некаде во минатото, а е толку живо и денес во сегашноста… Еден јазичен и дијалектен систем кој поради сите општествени случувања не можел доволно да се развие, се изменил, нешто се изгубило по патот, но е тука, сепак и по толку години опстојува и постои и се бори да не исчезне. Ми се допаѓа фактот како го учат македонскиот стандарден јазик, го учат со страст, со желба, некои дури и со солзи во очите, а тоа ми дава уште поголема мотивација да бидам добра учителка и да ги научам што можам повеќе. Процесот на предавање е и позитивно предизвикувачки бидејќи возрасната граница на оние што го изучуваат македонскиот јазик варира, од 7 до 77 години и тоа само покажува и докажува дека годините не можат да бидат ограничување кога станува збор за исполнување на желбата да се научи јазикот кој како аманет го оставиле предците.

Покрај малцинските Македонци, има ли и Грци кои покажуваат интерес да го научат македонскиот јазик?

Секако и тоа е она што особено ме радува бидејќи јазикот треба да биде повеќе и поголем од политиката и политичките игри, од стереотипите и омразата што може да се креира за еден народ. А, тоа што Грците покажуваат интерес и го изучуваат македонскиот јазик покажува дека јазиците имаат сила да обединуваат – да се знае јазикот, културата и историјата на соседниот народ нè прави само побогати и ја отвора можноста да се запознаеме и да се зближиме, да соработуваме, да се поврзуваме, да бидеме отворени и отворено да гледаме кон светот.

Лично познавам и се мои добри пријатели Грци кои безрезервно го сакаат македонскиот јазик, пишуваат за македонистички теми, преведуваат, се залагаат за македонските прашања. Тоа се луѓе кои поместуваат планини, луѓе кои прават промена, луѓе со широки видици. И треба и мораме да се трудиме бројот на такви луѓе да расте. Жал ми е но, сè уште постојат и Грци кои го учат македонскиот јазик притоа криејќи од своите блиски и пријателите за да ги избегнат осудувањата од околината. Се надевам дека полека ќе го промениме тоа…

Што мислиш за иднината на односите помеѓу македонскиот и грчкиот народ? Дали веруваш дека има надеж за поголемо пријателство и соработка? Можат ли националистичките расправии и омразата да се надминат? Дали сметаш дека со твојата работа и активности си придонела за тоа?

Верувам дека има надеж и дека можат да се надминат националистичките расправии и омразата само ако бидеме поголеми од политичките превирања, игри, надмудрувања и поделби. 21. век е крајно време да излеземе од политичкиот калап во кој долго време сме пикнати сите ние… Историските факти и случувања никој не може да ги промени, не можеме ниту да ги заборавиме бидејќи надежта не лежи во заборавот, туку во храброста да научиме од минатото, но во никој случај да не станеме негови заробеници и секако, да не го повторуваме. Мислам дека можеме и треба да почнеме од една нова точка – да се изгради солидарност, емпатија… Треба да се погледнеме како луѓе, не како противници и да ја препознаеме вредноста на културната разноликост.

Сигурна сум дека ние сме генерацијата која сака и прави промени, а оние што доаѓаат по нас со сигурност ќе успеат во тоа, така ги доживувам барем јас младите – слободоумни и храбри, желни да направат промени. Мислам дека имаат малку повеќе храброст од претходните генерации и ова е нивното вреаме. Се надевам дека нема да бидат затруени со тешки и лажни идеолошки слики, се надевам ќе излезат од кафезот и ќе ги видат нештата од една друга перспектива – од човечката, од уметничката… Јазиците, културите, литературите се средство што можат да спојуваат, да отвораат можности за нови соработки и пријателства.  Можеби ќе речете дека премногу ‘розово’ гледам на нештата, но навистина, јас не верувам во политичките идеологии, игри и вистини, јас верувам во човечките чувства, човечките приказни, емпатијата и дејствувањата. И само за момент ако се остави политиката настрана и тоа која вистина е ‘повистина’ од другата и ако им се дозволи на луѓето да бидат само она што навистина треба да бидат – луѓе, тогаш конечно ќе сфатиме дека ниту еден народ, ниту еден јазик и ниту една култура не постои за да се натпреварува со некоја друга или да се забранува, туку, напротив – да живее, да создава, да споделува –  бидејќи секој човек има право да биде она што сака да е и да се чувствува онака како што сака да се чувствува.

Не знам колку една учителка би можела да има моќ да придонесе да се промени големата слика или односите меѓу двете земји, но знам дека ако сакаме да придонесеме на голем план, треба да почнеме со мали чекори. Така, среќна сум ако знам дека сум придонела макар и еден човек да успее да се врати кон корените, да го научи македонскиот јазик, јазикот што некаде по патот на животот го изгубил, а јас сум го усмерила да го најде повторно.

Како беше искуството да учествуваш на универзитетскиот настан одржан на 14 декември во Солун? Какви впечатоци изнесе од овој важен настан? Дали планираш учество на слични настани во иднина?

Иако замислата за настаност беше малку поинаква на самиот почеток, сепак на 14. декември, настанот на Универзитетот „Македонија“ во Солун беше историски… Веројатно првпат на еден реномиран грчки универзитет слободно се зборуваше за македонскиот јазик, македонската книжевност, културата, историјата и тоа се зборуваше на македонски јазик.

Имаше многу солзи, многу насмевки, воздишки, сеќавања. Се зборуваше за личните и колективни страдања, за љубовта за корените за јазикот, за сето што го прави еден човек – човек. Не може да се опише со зборови, го почувствуваа сите што беа таму. Со многу убави впечатоци си заминав од Солун, со многу нови пријателства, со полно срце зашто ете, и јас барем малку придонесов во таа слика и тој настан да бидат целосни. Го направив тоа за сите луѓе што ги запонзнав во текот на годините и за нивните приказни кои заслужуваат да се споменуваат и да живеат, за сите Егејци што живеат во Македонија, а кои ги познавам и се дел од мојата фамилија. За настанот беше препеана и прочитана и македонска поезија на грчки јазик од страна на мои драги пријатели од Грција, со дел од нив учиме заедно македонски јазик или го усовршуваме.

А овој настан треба да е само почеток на низа вакви слични настани кои треба да се организираат и во Грција, но и во Македонија и секако, кога нешто се прави од срце и за доброто на сите, секако дека учеството ќе биде големо задоволство.

Така што, јазичното чувство, чувството за идентитетот и правото на слободен говор треба да се издигне над сè. Денес сме сведоци дека во Грција македонскиот јазик се учи послободно отколку порано, се организираат и панаѓири и настани со македонски песни и ора, се преведуваа и издаваат книги… И иако ова е движење со мали чекори, важно е дека конечно се движиме и не треба да застануваме зашто, како што ќе каже една стара македонска поговорка – пополека, подалеку се стигнува…

Како млада професорка по македонскиот јазик, кои се твоите амбиции и цели за твојата професионална иднина?

Да не престанам да учам, да бидам љубопитна и да се надоградувам, да прашувам кога не знам, да читам, да пишувам – едноставно да бидам добар пример за студентите и за луѓето околу. Со иста љубов и страст да продолжам да го предавам македонскиот јазикот, македонската литература и македонската култура како првиот пат кога започнав. Да запознавам нови луѓе и секако, да градиме мостови заедно – и јазични и културни и уметнични и меѓучовечки бидејќи само така ќе можеме заедно да ги преминеме и споиме реките што нè делат.

Ти благодарам многу, Елена, за твоето време и за оваа интересна дискусија. Пред да завршиме, има ли нешто последно што сакаш да додадеш?

И јас многу ти благодарам Сотири за времето што го одвои. Мислам дека секогаш останува уште многу да се каже, но еве, би посакала да го заокружиме ова интервју со желба во периодот што следува да се гледаме на промоции и настани поврзани со македонскиот јазик во Грција, но и со грчкиот јазик во Македонија.

*Интервјуто е објавено во 27-то издание на весникот „Кокини“ (март-април 2025), кое е веќе во продажба.

**Можете да го прочитате интервјуто и на грчки јазик со кликнување на овој линк.


Σχολιάστε