„…колку повеќе нашите зборови ги преминуваат границите, толку посилни стануваат мостовите што ги градиме“ // Сотирис Минас

Важен дводневен настан (10–11.4.2025) посветен на преведувањето, под наслов „Книжевниот и меѓукултурниот превод како динамика на премини на границите“, се одржа во градот Скопје, во Република Македонија, и претставуваше можност за средба меѓу грчката и македонската поезија и проза. Настанот беше заеднички организиран од Филозофскиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот Македонија од Солун.

Говорник на научната трибина беше и Сотирис Минас, член на уредувачкиот тим на весникот „Црвен“. Следува неговото излагање со наслов „Изданија на преведена македонска поезија на грчки од 1960 година до денес. Историски преглед“, а на крајот ќе го најдете и деталното програма на дводневниот настан.

Вовед

Здраво на сите. Се викам Сотирис Минас и ве поздравувам од градот Лариса, Централна Грција. Му благодарам од срце на деканот на филолошкиот факултет “Блаже Конески” Владимир Мартиновски за поканата и голема ми е чест што сум денес тука, меѓу вас, и учествувам во оваа многу важна конференција, чија цел е изградбата на уште посилни мостови на пријателство помеѓу двата наши народи.

Мојата врска со македонскиот јазик и литература 

Би сакал да започнам со неколку зборови за мене и мојата врска со македонскиот јазик и литература. Мојата врска со македонскиот јазик произлезе од мојата страст за истражување на историската вистина и потребата да се спротивставам на потиснувањето и заборавањето. Немам македонско потекло, но преку моите лични истражувања и средби со малцинските Македонци, се соочив со тешки вистини: луѓе кои беа прогонувани, мачени, затворани и убиени само затоа што „кривичното дело“ беше зборувањето на својот мајчин јазик. Луѓе кои беа принудени да ја напуштат својата татковина засекогаш, луѓе чиј белег ги прогонува и денес. Сето ова, во комбинација со мојата страст за социјална правда и отпорност против сите форми на неправда, ме натера да се идентификувам со овие прогонувани луѓе.

Па размислив вака: ако на моите сограѓани, Македонците, им беше забрането да зборуваат на својот јазик и им беше посеан страв кој трае и денес, тогаш јас, како Грк, ќе го научам овој јазик и ќе го зборувам. Преку јазикот, ја запознав и македонската литература, а со тоа и поезијата – поезија полна со историска меморија, болка и достоинство. Денес, мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература е нераздвојно поврзана со мојот идентитет, начин да поправам, макар и во мал дел, една толку долга неправда.

Историски преглед

Со оваа презентација ќе се обидам да направам историски преглед на издавањата на македонската поезија, која била преведена на грчки, почнувајќи во 1960 година, кога се појавило првото печатено издание, па до денес.

1960 – Првото издание на «Бели Мугри» од Васко Караџа

Првото издание на македонска поезија на грчки јазик беше направено од Васко Караџа во 1960 година во Ташкент и претставува историски момент во историјата на литературните преводи и културната комуникација меѓу двата народа. Фактот што збирката „Бели мугри» на Кочо Рацин, дело со длабока социјална и политичка важност, беше преведена на грчки од еден политички бегалец во толку далечен град како Ташкент во тогашниот Советски Сојуз, ја покажува постојаната потреба на Македонците да го зачуваат и пренесат своето јазично и културно наследство, дури и когоа биле далеку од своите домови. Васко Караџа, како Македонец и народен борец роден во Дамбени Костурско (преименувано: Дендрохори), препознал во поезијата на Кочо Рацин еден братски, интернационалистички дух: израз на угнетениот работник и земјоделец, кој стега под јаремот на своите угнетувачи и се бори за правда и достоинство. Значењето на ова издание е огромно. Тоа било првпат кога грчко-говорното заедништво – дури и во услови на политички бегалец – добило пристап до македонската поезија преку својот сопствен грчки јазик. Иако преводот не бил веднаш познат во Грција поради политичките услови, тој претставува историско сведоштво дека македонската литература имала моќ да ги надмине границите и ограничувањата, додека во исто време во Грција македонскиот јазик се соочувалт со забрана, жестоки прогонства и терор. Денес, оваа иницијатива добива уште поголема вредност, бидејќи нè потсетува дека литературата секогаш била канал за отпор против неправдата и солидарност меѓу народите.


Антологијата на Костас Валетас

Иницијативата на Костас Валетас да издаде првата антологија на македонска поезија во грчки превод во почетокот на 1970-тите бил храбар и иновативен потег, во период кога политичките услови не фаворизирале промоција на македонската литература во Грција. Валетас имал цел да ги поврзе грчките читатели со поетската творба на соседната Југословенска Македонија. Антологијата вклучува поеми на триесет значајни поети како Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Матеја Матески, Раде Силијан, Радован Павловски и други. Значењето на оваа антологија се засилува кога ја гледаме во контекст со објавувањето неколку години претходно на антологијата на грчка поезија преведена на македонски и уредувана од Паскал Гилевски, од која се инспирирал Костас Валетас, според сведоштво на самиот Валетас по неговата посета во Скопје и средбата со Паскал Гилевски и Ацо Шопов.

Други изданија од 70-те години

По изданието во 1960 година во Ташкент, имаме уште две изданија на збирката „Бели мугри» на Кочо Рацин од издавачката куќа Дирфис. Две години по падот на седумгодишната воена диктатура во Грција, во 1976 година, е ред на грчката поетеса Викторија Теодору да го преведе делото, додека во 1978 година следува и второ издание од истата, ревидирано и коригирано од македонскиот писател и поет Димитар Башевски. Исто така, во 1979 година беше преведена поетската збирка на Блаже Конески „Везилка» од Костас Валетас, со негов предговор и предговор на познатиот македонски поет Матеја Матевски.

Изданија од 90-те години

Потоа забележуваме еден застој во продукцијата на изданија. Сепак, во текот на деведесеттите години имаме две многу значајни изданија со огромно значење, бидејќи се случуваат во еден период кога, поради независноста на Република Македонија во 1991 година, во Грција владее неверојатно силна националистичка атмосфера. Во 1998 година, поетската збирка „Привремен Престој“ од Димитар Башевски беше објавена од издавачката куќа Амфиктиониа, во превод на Васко Караџа, а следната година, во 1999, од издавачката куќа Ела, беше објавена многу значајната антологија „ Јужнословенски Поети пред Византиски Фрески“, по иницијатива на Тасос Тилјос. Изборот и уредувањето се на Ефтим Клетников, предговорот од Тасос Тилјос, а преводот е на Ирини Спанудаки. Интересен е фактот дека во изданието е употребен термин ‘јужнословенски’ наместо на ‘македонски’ во насловот, за да се избегне секоја политичка реакција бидејќи терминот ‘македонски’ не смееше да се поврзува со ништо надвор од грчките граници.

Изданија од првата деценија на 21-от век

Во првата деценија на 21-от век, имаме уште два исклучително важни изданија. Во 2004 година, во издание на издавачката куќа Паремваси, беше објавена антологијата со наслов „Химни за Свети Кирил“, која вклучува избрана македонска поезија во препев на Викторија Теодору и Марија Граматику. Во 2007, од издавачката куќа Анти, следеше антологијата „Хемус – Антологија на Балканска Поезија“, уредена од Пантелис Букалас, во која последниот дел содржи неколку песни од македонски поети.

Изданија на последните години

Ако ги погледнеме издадените антологии во последните години, можеме да видиме дека се направени навистина важни чекори. На пример, антологијата ,,Македонска Приказна” од 2018 во избор, предговор и превод на Јоргос Мосхос и ,,Антологијата на Млади Поети од Северна Македонија” во 2022 година во избор и предговор на Ѓоко Здравески и превод на Елени Качиоли покажуваат интерес за новите автори. Исто и прекрасната антологија во 2022 година за грчкото списание ,,Тефлон” со современа македонска поезија во избор и предговор на Лидија Димковска и превод на Викторас Илиопулос покажува дека оваа нова генерација има потенцијал. Како што последните години имаме чести објави на македонска поезија во грчки списанија (особено електронски списанја), многу значајна ја сметам објавата на 12 песни од Никола Маџиров во електронското списание ,,Фреар” во 2021 година, во препев на Елефтерија Цица, а да напоменам и дека самиот Маџиров учествуваше и на 7. Меѓународен Фестивал на Поезија во Атина во 2021 година, Исто така, списанијата ,,Паремваси” и ,,Фтера Хинас” често имаат објавувано песни преведени од извонредната препејувачка Марија Думба. Литературното списание ,,Хартис” објави во 2022 година шест песни од Блаже Конески во препев на Јоргос Палавос како и списанието ,,Дендрo” има објавено песни од Влада Урошевиќ. Македонска поезија има објавено и весникот ,,Лоза”, списанието ,,Енекен”, а секако и весникот ,,Црвен” кој често објавува македонска поезија преведена на грчки, каде што и јас имам чест да придонесам со моите препеви.

Плодна почва за уште повеќе преводи

Изданијата од последниве децении, а особено оние од последните години, покажуваат дека почвата во Грција за издавање македонска поезија стана многу поплодна. Широката публика е поподготвена од кога било досега да прифати и да прегрне дела од соседната земја, а овие изданија се достапни во големите книжарници, па така секој има лесен пристап до нив. Општествено-политичките случувања на времето, како и политичките договори, како што е признавањето на македонскиот јазик од страна на грчката држава во 2018 година, значително придонесоа во промената на климата, правејќи ја грчката публика многу поотворена и поприемчива за македонската поезија и општо за македонската книжевност.

Заклучок

Поезијата и книжевноста имаат сила што не зависи од граници или национални идентитети. Тие се јазик и чувство што ги надминуваат сите нешта што нè делат и нè потсетуваат на сè што нè обединува: нашето заедничко човечко постоење. Гласовите на поетите, било да се од Северна Македонија или од Грција, имаат иста вредност и иста моќ да ги изразат нашите вистини. И покрај сите тешкотии со кои се соочуваме, неопходно е да ги слушаме овие гласови – затоа што секој глас е чекор кон меѓусебно разбирање, пријателство и обединување на народите. Колку и да се обидуваат границите и пропагандата да нè разделат, поезијата секогаш е тука за да нè обединува, да нè потсетува дека, во суштина, сите сме луѓе. И колку повеќе нашите зборови ги преминуваат границите, толку посилни стануваат мостовите што ги градиме. Книжевноста ни покажува дека соработка и комуникација се единствениот пат напред. Ако останеме отворени и решителни, ќе успееме да ги надминеме сите пречки и да изградиме поправеден свет, заснован на човечност и солидарност.

ПРОГРАМА

НА НАУЧНАTA ТРИБИНА

Книжевниот и интеркултурниот превод

како динамика на премини на границите

Η λογοτεχνική και διαπολιτισμική μετάφραση

ως δυναμική των διαβάσεων των συνόρων

11 и 12 aприл 2025 година

Сала за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”

Универзитет „Св. Кирил и Методиј”

Панел 1: Книжевниот превод од грчки на македонски

и од македонски на грчки

(11 април, 13:00)

Αλεξάνδρα Ιωαννίδου: Невозможната изјава: „преведено од“. Некои согледувања за последните случувања во македонско-грчкиот литературен превод

Даниела Тошева: Од папирус до книга: за преводите од старогрчки надвор од ракописната традиција

Анастасија Ѓурчинова: Преводите на Григор Прличев: творечки премин на границите во 19 век

Емилија Мајсторова-Стојановска: Книжевниот превод од грчки на македонски јазик – дилеми и проблеми“

Томислав Османли: „Спасители на Бога” од Никос Казанѕакис за прв пат пред македонската јавност

Кица Колбе: Црешовата градина на прабаба ми на Вичо планина

Софиа Григориду / Живко Грозданоски: За колаборативниот превод: мостови, траектории, нишки

15:00  Пригоден коктел

Панел 2: Јазични и културни интерференции преку преводот

(11 април, 15:30)

Φωτεινή Τσιμπιρίδου: Η διαπολιτισμική μετάφραση απέναντι στον μεθοδολογικό εθνικισμό. Ένας ανθρωπολογικός απολογισμός πάνω στις αποαποικιακές δυνατότητες στο βαλκανικό συγκείμενο

Марјан Марковиќ: Македонскиот јазик во балканската јазична средина

Δημήτρης Καταϊφτσής: Διαπολιτισμική μετάφραση μέσα από την εντοπισμένη θηλυκή γνώση : αφηγήσεις ιστοριών μετασοβετικών ελληνίδων

Кристијан Вељанов: Изучување на грчкиот како странски јазик преку одлики на македонскиот јазик: битолскиот дијалект како мост помеѓу двата јазици

Ελένη Σιδέρη: Διαπολιτισμική κατανόηση και φιλμ:  διδάσκοντας την ιστορία των γειτόνων μέσω του κινηματογράφου τους

Сотирис Минас: Македонската поезија од 1960 година и нејзиното преведување на грчки: историски преглед

Панел 3: Интеркултурните преводи како минување граници

(12 април, 10:00)

Ιωάννης Μάνος: Ύποπτες συναντήσεις σε αόρατες γραμμές: Εθνογραφίες των συνόρων υπό το βλέμμα του κράτους και των υπερασπιστών του

Весна Мојсова Чепишевска: АБЕЦЕДАР – и прв буквар и прва книга за деца на македонски народен јазик

Људмил Спасов: Кица Колбе, големата жена, борец против стереотипите и предрасудите

Марија Чичева-Алексиќ: Помеѓу древното и современото: опитот на класичниот филолог во преводите од новогрчки јазик

Χριστίνα Γκρομπάλλι: Η αλβανική ταυτότητα σε δράση: Πολιτισμικές μεταφράσεις ως μορφές υπέρβασης συνόρων

Мариа Думба: Искуството на преведувањето

Φώτη Σιώνη: Χαμένος στη μετάφραση

Владимир Мартиновски: Поетскиот екфразис на скулптурите mеѓу интерсемиотички и интеркултурен превод

*Можете да ја прочитате статијата и на грчки јазик со кликнување на оваа врска.

Σχολιάστε