
Кога не е само по себе разбирливо дека во своето село можеш да пееш и да играш на мајчиниот јазик…
Говори на омраза и националистичка хистерија се појавија во јавниот дискурс изминативе денови, поврзани со откажувањето на културни манифестации во Соровичево (Аминдео) и Ајтос, Леринско. Добар пример е и неодамнешното соопштение на партијата „НИКИ“, кое не е само став. Тоа е едно поучно примерче на фашистичка реторичка манипулација. Тоа е еден прирачник на страв и поделба, маскиран во „патриотизам“. Тоа е лекција за тоа како се создава измислен непријател, како се таргетираат и се прогласуваат за закана невидливи непријатели, и како тие се „уништуваат“ пред очите на една исплашена публика.
Како функционира ова:
- Создаваат „внатрешен непријател“: Не им пречи владата, ниту сиромаштијата, ниту напуштеноста на руралните краишта на Северот. Им пречат песните и ората на локалниот јазик. Твојот сосед што игра оро, станува „скопски агент“. Бабати што пее стар напев, се крсти како „алатка на антигрчка пропаганда“ и слично.
- Опсесивно повторуваат зборови: Зборот „забораваат“ се повторува како обвинение. Кој не се согласува со нив – „заборава“. Кој мисли поинаку, е предавник или наивен. Така се обидуваат да ја контролираат емоцијата и создаваат илузија за „единствениот правилен пат“. Истовремено, се обидуваат да ја избришат историската меморија, колективното искуство и локалните практики. Преку наметнување на една доминантна националистичка нарација како единствена вистина, тие определуваат што смееме, а што не смееме да паметиме. Кој јазик, кои песни, кои доживувања заслужуваат да преживеат – и кои треба да бидат избришани.
- Ги таргетираат оние што не се покоруваат: Нема значење кој си или што кажуваш. Ако не ја следиш официјалната нарација, веднаш ти лепат етикета. Зборуваат со потценување за „досадни стереотипи“, за „смешници“, за „предавници“ и „неодговорни“. Со тоа се обидуваат да ги натераат луѓето да молчат – од страв да не бидат и самите обвинети.
- Го претставуваат културното како закана: Музиката, ората, јазиците на местото – за нив се „пропагандни оружја“. Традиционалните собири се прогласуваат за „скопјански фешти“. Сè што не се вклопува во нивната строга нарација, се етикетира како сомнително, опасно, туѓо. А кога и тоа не е доволно, се повикуваат и на „националната безбедност“: една песна станува „провокација“, едно оро – „закана за демократијата“, една баба што тивко си пее плачка на свој јазик – ни замислувате што може да предизвика… На тие веселби нема војска, нема граници – но со еден стих или еден ритам што не го одобруваат, те прогласуваат за опасност. Така ја претвораат традицијата во терен на надгледување, каде што радоста мора да се контролира, а идентитетот – да се докажува…
- Го користат стравот за да создадат согласност: Во обид да ги извртат улогите, токму тие што се залагаат за бришење на културните обележја, локалните говори, доживувањата и историите – според една тоталитарна слика за тоа што значи „грчко“ или „македонско“ – ја претставуваат самата историја, музиката и колективното помнење на една цела заедница како закана. Така се сее страв и се свртува општеството против самото себе. Со лажни патриотски извики зборуваат за „антигрчки аспирации“, „пропаганда“, „иредентизам“, иако пред нив имаат само играорци, музичари и жители што го сакаат својот крај и своите веселби.
Овој вид реторика не штити ништо. Напротив: го разјадува ткивото на општеството, ги посочува и осамува самите жители на тие села, ги учи да се плашат еден од друг. Има шема. Има метод. Создаваат „непријател“, му лепат етикета („антигрк“, „скопјанец“, „провокатор“), и потоа го гаѓаат. Кој не наведнува глава, станува таргет. Кој ја пее песната на дедо му – е „опасност“. Кој вели дека мајчиниот јазик не е навреда – е наивен.
Ние сме деца и внуци на луѓето што со многу мака ја одржаа оваа традиција жива. Луѓе што зборуваа со зборови што не ги разбираат Атињаните, што пееја мелодии што не постојат на YouTube. Не бараме дозвола за тоа. Не се извинувааме.
Нè нарекуваат „антигрци“ затоа што играме. Нè гледаат со сомнеж затоа што пееме на јазик што не го одобрува Министерството. Сакаат да нè натераат да се срамиме. Не, не се срамиме од нашата баба, ниту од нашиот дедо, ниту од јазикот што ни го зборуваа. Горди сме на нив, ќе ги почитуваме при секоја пригода и ќе ги паметиме на секој селската слава.
Селските слави не се оружје, туку празници. Не се страв, туку сеќавање. Не се закана, туку идентитет. А нашиот идентитет не е еднообразен, ниту „чист“, ниту воен.Тој е богат, измешан, жив – и нè собира ите.
Толку.
Солидарност до сите Културни Друштва што се борат за очигледните нешта во овој запоставен Север.
Ќе продолжиме да пееме. Како што отсекогаш правевме.
– „Македонски птички пеат на македонски“, велеше Маркос.
—
Музичка Колективка
Yar Aman
Хања, јуни 2025
*Превод од грчки: Сотирис Минас
**Можете да ја прочитате статијата на грчки јазик на линкот подолу.

[…] να διαβάσετε το κείμενο και στα μακεδονικά – σε αυτόν τον σύνδεσμο– σε μετάφραση του Σωτήρη […]
Μου αρέσει!Μου αρέσει!