
СООПШТЕНИЕ НА ВЕСНИКОТ „И КОКИНИ“ (ЦРВЕНАТА):
Лерин, 22 декември 2025: Враќање на националистичкиот мракобесие:
Но македонскиот јазик ќе продолжи да се зборува и да се пее
„Времињата беа сменети, веќе не се убиваше; само те покажуваа со прст и тоа беше доволно. Потоа, опишувајќи круг што сè повеќε се стеснуваше, полека ти се приближуваа, ти се повлекуваше, се притиснуваше до ѕидот, сè додека, очаен, сам не си отвореше дупка за да се пикнеш.“ (Тасос Ливадитис)
Во понеделникот навечер, на 22 декември 2025 година, Лерин стана сцена на очигледен чин на цензура што ја навредува секоја смисла дури и на основните демократски и народни права. За време на настанот за традиционалното палење на Коледарски оган, градоначалникот на градот, Василис Јанакис, лично интервенираше за да го прекине музичкиот бенд „Banda Entopica“ додека беа на сцената. Причината? Бендот се осмели да ја испее „Софка“ со нејзините изворни македонски стихови.
Оваа интервенција претставува груб обид за „културно полициско работење“ што ги извлекува најтемните, парадржавни спомени од грчката историја. Градоначалникот, дејствувајќи како чувар на анахрона националистичка лојалност, се обиде да наметне молк на македонскиот јазик, докажувајќи дека стравот на граѓанската држава од различноста останува жив. Станува збор за јасен обид за тероризирање на малцинството, со цел заплашување на оние кои инсистираат да ги одржат живи својот јазик и идентитет.
Присилувањето на молкот и реалноста на малцинството денес
Со децении, македонското малцинство во регионот го живееше статусот на „неми песни“ — состојба на угнетување каде музиката беше дозволена, но зборовите беа забранети. Денес, во 2025 година, градоначалникот на Лерин се обидува да го врати овој авторитаризам, провокативно игнорирајќи ја реалноста што преовладува во целиот грчки дел на Македонија.
Тоа е револтирачки: од Леринско, Костурско, Кајларско, Меглен, до Воденско, Негушско, Ениџевардарско, Гуменџе и селата надвор од Солун, македонските песни со зборови се срцето на народните манифестации, каде илјадници луѓе пеат и танцуваат слободно. Обидот на градоначалникот да го оквалификува македонскиот говор како „закана“ во самиот Лерин, претставува лицемерно и опасно назадување кое мора веднаш да запре.
Право на идентитет и култура
Признавањето на македонскиот јазик и македонските стихови како составен дел од културното ткиво на регионот е прашање на демократија и борба. Обидот за исчезнување на македонското малцинство преку забрани на песни и практики на застрашување е осуден на неуспех. На музиката и на јазикот на еден крај не им се потребни сертификати за социјално убедување, ниту одобрение од кој било локален владетел.
Како „Кокини“ (Црвената), стоиме солидарно со правата на малцинствата и го осудуваме секој обид за цензура. Громкото негодување на граѓаните на Лерин упатено кон градоначалникот во моментот на инцидентот, беше најдобриот народен одговор на мракобесието.
Македонските песни ќе продолжат да се слушаат и слободно да се пеат, потсетувајќи го секој цензор дека јазиците и културите на народите не се замолчуваат со наредби.
*Можете да го прочитате соопштението на грчки јазик на овој линк.
**Преводот на соопштението на македонски јазик го направи Сотирис Минас
