
Пишува Сотирис Минас
Во Македонија оваа приказна не е многу позната, па сакам накратко да споделам што всушност се случи на денешен ден во Грција и зошто тоа сè уште ни значи на сите нас на Балканот.
Во 1973 година, Грција веќе седум години се гушеше под сурова воена диктатура. Немаше слобода на говор, немаше право на мислење, луѓето беа апсени и мачени само затоа што не сакаа да наведнат глава. Сите мислеа дека стравот победи.
Но, на 14 ноември, стотици, а потоа илјадници студенти се затворија во Политехничкиот универзитет во центарот на Атина. Водени од чистата потреба да дишат слободно, направија импровизирано радио и од таму пуштија глас што ја разбуди целата земја.
За само два дена, илјадници луѓе – работници, младина, мајки, татковци, цел еден народ – излегоа на улиците околу универзитетот. Се сруши ѕидот на стравот. Сите заедно бараа наједноставни, но најважни работи: достоинствен живот, образование и слобода (Ψωμί, Παιδεία, Ελευθερία).
Одговорот на власта беше брутален. Ноќта меѓу 16 и 17 ноември, војската извади тенкови на улиците, а еден тенк директно ја сруши железната капија на универзитетот.
Снајперистите и полицијата пукаа во невооружениот народ на околните улици. Имаше многу жртви, крв и болка. Режимот мислеше дека со куршуми и тенкови ќе ги замолчи, но всушност само си го потпиша сопствениот крај. Неколку месеци подоцна, диктатурата падна.
Секој ноември, додека паѓаат есенските лисја во Атина, сè уште се чувствува здивот на тие млади луѓе кои сонуваа поубав свет. Тие ни оставија тивко ветување – дека љубовта кон животот и достоинството секогаш ќе биде посилна од секој мрак.
За сите оние што заминаа прерано, за никогаш да не мораме да живееме на колена.
