
Пишува: Сотирис Минас
Невидливиот ѕид на негирањето: Тивката антропогеографија на Македонија
Кога растеш во грчкиот дел на Македонија, учиш да живееш во рамките на еден невидлив ѕид на негирање. Официјалната државна пропаганда, преку училиштата и телевизијата, нè научи на една едноставна приказна: над нас живее туѓ, непријателски народ без ни најмала врска со нас, оние „оддолу“, кои сме вистинските и чисти потомци на антиката. Но, кога некој ќе одлучи без предрасуди да ја истражи живата антропогеографија на Северна Грција и да погледне подалеку од она што со толку смислена методологија му е всадено во главата, тој наратив пропаѓа.
Суштината на антрополошката реалност во Македонија ја разбива секоја пропаганда. Од едната страна на границата, во денешната република Северна Македонија, според внимателни проценки живеат околу 350.000 до 400.000 луѓе (повеќе од една третина од етничките Македонци во земјата) кои потекнуваат, целосно или делумно, од протераните од југот во различни бранови, од кои најзначајни се македонските партизани од граѓанската војна и децата бегалци кои ДАГ (Демократската армија на Грција) ги зеде со себе. Во Грција живеат околу еден милион етнички Грци со истото словенско потекло, целосно или делумно. Зборуваме за огромна популација во двете земји, која припаѓа на истото историско и биолошко семејство.

Иста крв, две „нации“: Паранојата на националниот идентитет
Најтрагичниот аспект на оваа вештачка отуѓеност е концентриран во поделените семејства. Помислете на Јанис. Неговите родители и тој самиот се од едно село во Леринско, имаат словенско потекло, се чувствуваат како Македонци, припадници на македонското малцинство, и секако имаат грчко —поточно погрчено— презиме. Јанис има први братучеди кои, поради вклученоста на неговиот чичко во граѓанската војна, се родени во Битола со словенска наставка на нивното презиме. Имаат иста крв, исти баби и дедовци.
Но, за грчката држава, Јанис —бидејќи има грчка лична карта— автоматски се крштева како „100% Грк и потомок на Александар Македонски“. Кога Јанис ја изразува својата македонска национална свест, системот веднаш го етикетира како „антигрк“, „проскопски“ агент итн. Во секој случај, пак, тој е „наш вистински Грк кој бил заведен од скопската пропаганда, станал јаничар итн.“ и во ниту еден случај нема биолошка врска со „непријателите“ Словени. Во исто време, неговите први братучеди, кои го зборуваат истиот јазик и имаат толку блиско сродство, од грчката пропаганда се сметаат за „по природа туѓинци, Скопјанци, Словени, Бугари итн.“ кои немаат никакво право на обожување на предците.
Кога се обидуваш да ја ототвориш оваа дискусија со луѓето, реакцијата е агресивна. „Татко ми повеќе да не го спомнуваш кога зборуваш за ова!“, ти велат со остар тон. Тоа е чистиот, исконски страв од социјалното жигосување. Третата генерација потомци на словенофонци во Грција функционира како чувар на самата себе: наметнува молк за да ја заштити „чистата старогрчка крв“ на своето семејство.
Откажување од „словенството“
Ако прашаш некој просечен Солунчанец од мојата генерација за неговото потекло, најчестиот одговор е: „Едниот мој родител е од бегалците —Понтиец, Тракиец, Малоазиец итн.— а другиот е домашен (допијос)“. Со зборот „домашен“, во огромното мнозинство на случаи, се мисли на словенофонци, бидејќи пред доаѓањето на бегалците и Балканските војни, тогашниот подоцнежен грчки дел на Македонија во најголем процент бил населен со словенофонско население.
И покрај брановите на насилно протерување (1913, 1925, 1945–1949, пограѓанскиот период), огромен дел од овие луѓе остана во Грција. Низ три и четири генерации мешани бракови со Понтијци, Малоазијци, Тракијци или грчкојазични староседелци, овој словенски корен се рашири насекаде. Денес, ако се пресметаат оние кои имаат барем делумно словенско потекло, жителите на грчката држава со словенски корен веројатно надминуваат еден милион луѓе — и тоа со особено конзервативни проценки. Во нивното огромно мнозинство се работи за етнички Грци, со исклучок, секако, на оние кои ја одржуваат жива својата национална македонска свест и го сочинуваат македонското малцинство во Грција.
Јазикот што го зборувале татковците или дедовците на овие луѓе —или дури и тие самите, бидејќи и денес постојат стотици илјади говорници на македонскиот јазик— во Грција е лишен дури и од своето име. Го нарекуваат едноставно „домашен“ (допиа). Околу овој јазик, самите говорници или нивните потомци примениле неверојатни митови. Функционирајќи со чиста психолошка одбрана, се обидуваат да се оправдаат дека овој јазик не им одзема ниту трошка од грцизмот.
Се слушааат најневеројатни објаснувања: „Тоа е мешавина од јазици, не е вистински јазик“. Или уште посуреалното: „Нашите предци го измислиле за време на Отоманската империја како таен код за да не ги разбираат Турците“. Други велат: „Виновна е окупацијата во ’41, баба им ги слушала бугарските војници и го научила“ —како јазик да се учи пасивно за три години.
Во исто време, државни службеници и „филолози“ на академски начин се обидуваат да докажат дека јазикот има хомерско потекло. Врвот на паранојата е тврдењето дека „нашиот домашен јазик нема никаква врска со скопскиот“. Станува збор за апсолутно негирање на реалноста. Се плашат да признаат дека јазикот на „непријателот“ е јазикот со кој баба им ги заспивала навечер. Ако го направат тоа, ќе почувствуваат дека се урива нивниот грцизам, онака како што ги учеле на училиште.
Искривување на реалноста во корист на националната привилегија.
Кога реалноста се судира со националниот наратив, историјата се препишува во сеќавањата на луѓето за да биде пригодна. Ако прашаш за некој далечен предок кој заминал во 1913 или 1925 година во Српска Македонија или Бугарија, одговорот е подготвен: „Го зедоа Бугарите, го измамија, го заведоа“. Се отстранува секоја лична волја од предокот, за да остане чист денешниот грцизам на семејството.
Дури и големите историски злосторства се оправдуваат со шокантна леснотија. Кога разговараш за декретот од 1982 година, кој дозволи репатријација на политичките бегалци од Граѓанската војна „само за оние кои се Грци по род“ —насилно исклучувајќи стотици илјади луѓе и нивните потомци— сè уште слушаш дури и од нивните поранешни сожители: „Добро им направија, нека се изјаснеа како Грци за да се вратат“. Човекот се идентификува со сторителот (државата), претпочитајќи да ја легитимира неправдата отколку да го признае злосторството.
Вистината што ги урива границите
Границите, војните и националистичкиот менталитет на една држава која е специјализирана за фалсификување и искривување на историјата по сопствена желба, успеаја да ги разделат свестите. Наметнаа различни идентитети на истото етнојазично семејство. Но, корените остануваат заеднички, длабоки и живи. Препознавањето на заедничкиот корен е првиот и неопходен чекор за вистината да го победи стравот.
*Можете да го прочитате соопштението на грчки јазик на овој линк.
**Преведува Сотирис Минас.
